ТAIEX работилница за квалитетот на воздухот на тема “Подготовка на краткорочни акциони планови за заштита на амбиентниот воздух”

Mинистерството за животна средина и просторно планирање во период од 16-17 декември одржа дводневна ТAIEX (Техничка помош за размена на информации – инструмент на Европската Комисија), работилница за квалитетот на воздухот на тема “Подготовка на краткорочни акциони планови за заштита на амбиентниот воздух”.
На работилницата од Европските земји учество зедоа стручни експерти од Италија, Германија, Чешка, Австрија и Холандија. Од домашните институции на работилницата присуствуваа членовите на Интерсекторската група за воздух, претставници од Градот Скопје и Единиците на локална самоуправа.

На работилницата согласно дефинираната агенда се дискутираше за начинот на подготовка на планските документи, со особен осврт на мерките кои се применуваат во Европските земји за намалување на концентрациите за PM10 и NOx, како и начинот на информирање на граѓаните при надминување на праговите на алармирање. Од презентациите и дискусијата можат да се изведат следните заклучоци:

– Краткорочните мерки кои се воведуваат во алармантни состојби со загадувањето од областа на транспортот (како мерката пар-непар) немаат големо влијание врз намалување на среднодневната концентрација на PM10 (Во Италија воведувањето на оваа мерка довела до само 2% намалување на концентрациите на честичките);

– За предвидување на загадувањето на воздухот се користат различни национални модели, но при примена на моделите за предвидување на загадувањето со PM10, несигурноста на моделот е повисока во однос на другите загадувачки супстанци;

– Нема глобални ефективни мерки кои можат да се применат во сите земји и градови;

–  Ефективноста на мерките на локално ниво зависи од уделот на изворите на загадување во градот/општината/областа. Овој удел е различен за различни градови поради што локалните инвентари се особено важни за подготовка на локалните програми и дефинирањето на соодветни мерки.

– Во европските земји најмногу на намалувањето на концентраците на PM10 влијаела промената на структурата на возниот парк и воведувањето на гасификацијата;

– Воведувањето на мерката “Зони со ниска емисија” на локално ниво во Германија била планирана повеќе години и била воведена во моментот кога веќе поголем дел од населението користело возила со повисоки Еуро стандарди.

– Краткорочните мерки само го ублажуваат загадувањето, а најголем ефект врз намалување на загадувањето имаат долгорочните мерки;

– Долгорочните ефективни мерки имаат високи фискални импликации.

На следниот линк можете да ги превземете презентациите од работилницата.

Leave a Reply