Квалитет на воздух

Со цел регулирање на начинот на мерење на квалитетот на воздухот, воспоставување на гранични и целни вредности за одделните загадувачки супстанци, оценка на квалитетот на воздухот и начинот на информирање на јавноста со состојбата со квалитетот на воздухот донесени се следните подзаконски акти:

Уредба за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини и толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели (Службен весник на РМ бр. 50/05, 4/13). Со оваа уредба се дефинираат стандардите за следните загадувачки супстанци: сулфур диоксид, азот диоксид, бензен, јаглерод моноксид, PM10, PM2.5, тешките метали (Pb, As, Cd, Ni), Бензо(a)пирен и озон.

Со Правилникот за критериумите методологијата и постапките за оценување на квалитетот на амбиентниот воздух (Службен весник на РМ бр. 169/13) се дефинираат горните и долните прагови за загадувачките супстанци, методите за оценување на квалитетот на воздухот, како и критериумите за собирање и пресметување на статистички параметри.

Во Правилникот за содржината и начинот на преносот на податоците и информациите за состојбите во управувањето со квалитетот на амбиентниот воздух (Службен весник на РМ бр. 138/09) се дефинира начинот на информирање на граѓаните и видовите на извештаи во кои се презентира состојбата со квалитетот на воздухот.

Правилникот за методологијата за мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух (Службен весник на РМ бр. 138/09) ги дефинира референтните методи за мерење на концентрациите на загадувачките супстанци, критериумите за одредување на микро и макро локациите на мерните места, како и минималниот број на мерните места во секоја зона/агломерација.

Во Правилникот за поблиските услови за вршење на определени видови стручни работи, во поглед на опремата, уредите, инструментите и соодветните деловни простории кои треба да ги исполнуваат субјектите кои вршат определени стручни работи за мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух (Службен весник на РМ бр. 69/11) детално се опишани условите кои треба да ги исполнуваат акредитираните лаборатории за мерење на квалитетот на амбиентниот воздух.