Сулфур диоксид SO2

Сулфур диоксид (SO2)

SOе задушлив гас со остар мирис, кој се формира со согорување на материјали кои содржат сулфур. Тој претставува гас кој, при вообичаени концентрации на амбиентниот воздух, може да реагира со влажноста во воздухот формирајќи сулфурна киселина. При согорување на гориво кое содржи сулфур, сулфурот оксидира во SO2 дополнително реагирајќи со останатите загадувачки супстанции, на тој начин создавајќи аеросоли. Во течна форма може да се најде во облаците, маглата, дождот, аеросолите и на површината на честичките. SO2 исто така е и главен прекурзор на PM2.5. Сулфур диоксидот воглавно се формира со согорување на јаглен, особено во инсталациите за производство на електрична енергија, како што се РЕК Битола и РЕК Осломеј кои всушност претставуваат и најголемите загадувачи со SO2 во Р. Македонија. Сепак, заради високите оџаци кај овие две инсталации емисиите се диспергираат и разредуваат во атмосферата и како резултат на тоа приземните концентрации на SO2 околу постројките остануваат релативно ниски и покрај високите емисии. Исто така, оваа загадувачка супстанција се ослободува при индустриски процеси во топилници, рафинерии на нафта, индустрии за преработка на хартија и целулоза, индустријата за метали како и во транспортот.

Високи концентрации на оваа загадувачка супстанција, во вид на кисели дождови, пречат на популацијата риби во реките и езерата и имаат лошо влијание на почвата во шумите. Исто така предизвикува големи штети на екосистемите, вклучувајќи и деградација на хлорофилот, намалување на фотосинтезата и на промени во метаболизмот на протеините. Таложењето на загадувачките супстанции од емисиите на сулфур диоксид, предизвикуваат закиселување на почвата и водите и последователен губиток на биодиверзитетот, многу често на места на огромна оддалеченост од оригиналната емисија.