Охрид

ОХРИД

Градот Охрид се наоѓа во југозападниот дел на Македонија, на североисточната страна од Охридското Езеро, во Охридско – струшкото поле. Градот е сместен на надморска височина од 695 m, додека стариот дел од градот се наоѓа на повисока надморска височина до 740 m, во подножјето на планината Галичица, која се издигнува од источната страна на градот со својот највисок врв Магаро од 2582 m.

Ваквата поставеност на градот условува модифицирана средоземноморска – умерено континентална микро клима, а поради високите планини над 2000 m и надморската височина 695 m има и планинска клима. Градот е оддалечен околу 110 km од Јадранското Море, со просечна годишна температура од 11°С, просечна зимска температура од 2.7°С, просечна летна температура 19.6°С и инсолација од 2300 часа годишно.

Сливното подрачје на Охридското Езеро брои над 40 реки и тоа 23 на албанска и 17 на македонска територија. Сепак, најголемиот дел од нив пресушуваат во летниот период и се незначителни. Во однос на нивниот проток, Сатеска, Коселска, Сушица и Черава се најзначајните реки кои се вливаат во езерото. Бисерот на Охрид, Охридското Езеро, е со површина од 358 km², од кои 118,9 km² припаѓаат на Албанија, со надморска висина од 695 m и со најголема длабочина од 286 m.

АМС Охрид е поставена на одредена микролокација лоцирана на КП 14987, КО Охрид 3, во општина Охрид, во дворот на ОУ Григор Прличев (партерно зеленило помеѓу балонот (СЦ Климент Колески) и Булевар Туристичка).

Северозападно од микролокацијата на станицата, на растојание од околу 8 метри, се наоѓа Булевар Туристичка, главната сообраќајна артерија на градот. Југозападно од микролокацијата на станицата, на растојание од околу 10 метри, се наоѓа балонот на Спортскиот Центар Климент Колески, поставен во дворот на ОУ Григор Прличев. На растојание од околу 500 метри, воздушна линија, југозападно од станицата, се наоѓа брегот на Охридското Езеро.

Поставеноста на станицата е таква што се очекува да се регистрира уделот на загадувањето кое доаѓа претежно од согорувањето на горива за затоплување на административните згради и приватни живеалишта во зимскиот период од годината како и уделот кој доаѓа од загадувањето од сообраќајот со оглед на близината на главната сообраќајница во градот. Доминантен правец на ветер е од север кон југ, додека втор доминантен правец е од југ кон север.

Се мерат загадувачките супстанции: O3, NO2, SO2, CO, PM10 и PM2.5.

Gevgelija1 Gevgelija2