Како?

КАКО ДО  ПОДОБАР КВАЛИТЕТ НА ВОЗДУХОТ?

Национален и локални планови за квалитет на воздух

За долгорочно подобрување на квалитетот на воздухот потребен е ангажман на администрацијата на централно и локално ниво, малите и големите бизнис претпријатија, како и на сите граѓани. Законската регулатива ја креира основата за подобрување на квалитетот на воздухот и дава општи барања за намалување на емисиите во атмосферата.

Националниот план за заштита на амбиентниот воздухот беше усвоен за територијата на целата држава во 2012 година. Овој план ги идентификува и ги опишува мерките за намалување на емисии и мерките за подобрување на квалитетот на воздухот. Планот беше подготвен во согласност со Правилникот за деталната содржина и начинот на подготвување на националниот план за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух (Службен весник на Република Македонија бр. 108/9).

Според законската регулатива општините кои припаѓаат во зоните или агломерациите каде квалитетот на воздухот не ги исполнува националните гранични или целни вредности, треба да подготват локални планови за подобрување на квалитетот на воздухот. Плановите треба да предложат мерки на локално ниво кои ќе помогнат за подобрување на квалитетот на воздухот. Начинот на подготвувањето и содржината на плановите за квалитет на воздух се пропишани во Правилник за деталната содржина и начинот на подготвување на планот за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух (Службен весник на Република Македонија бр. 148/14).

Досега подготвени се планови за агломерацијата Скопје, Општина Битола и Општина Тетово. Голем дел мерките идентификувани во овие планови се насочени кон намалување на емисии од од секторите кои причинуваат најголемо загадување вклучувајќи го секторот домашни ложишта, сообраќај, индустрија и производство на енергија.

Општините кои припаѓаат во зони и агломерации каде постои ризик нивоата на загадувачки супстанции да надминат еден или повеќе прагови на алармирање се обврзани да подготват нацрт краткорочен акционен план со цел да се намали ризикот од времетраењето на таквото надминување. Начинот на подготовка и содржината на краткорочните планови се пропишани во Правилникот за деталната содржина и начинот на подготвување на краткорочни планови за заштита на амбиентниот воздух (Службен весник на Република Македонија бр. 148/14).

 

Можности за граѓаните да придонесат во подобрување на квалитетот на воздухот

Граѓаните можат да имаат значителен придонес во подобрувањето на квалитетот на воздухот. Подготвена е кампања за подигнување на свеста на граѓаните „Дишеме заедно“ со цел да се обебедат информации за можностите за придонес на граѓаните во подобрување на квалитетот на воздухот во секојдневното живеење и делување. Оваа кампања има за цел да ги предизвика граѓаните, јавните и приватните организации да помогнат за почист воздух со тоа што ќе направат барем една работа поинаку. Повеќе информации за кампањата можат да се видат на следниот линк:

https://www.facebook.com/dishemezaedno

На пример граѓаните можат да го подобрат квалитетот на воздухот доколку:

  • Избегнуваат горење на биомаса и јаглен за затоплување на домовите;
  • Доколку горењето на биомаса е неопходно, да се користи само суво, чисто и нетретирано дрво, а печките соодветно да се одржуваат. Добри практитки за горење на биомаса во домаќинствата може да се видат тука (брошура);
  • Се зголеми енергетската ефикасност со вклучување на соодветна топлинска изолација на домовите и со користење на енергетски ефиказни уреди;
  • Да се ограничи користењето на приватни возила со споделување на возилата, повеќе користење на јавен превоз, пешачење и користење на велосипед. Информации за одржлива мобилност може да се најдат тука (брошура);
  • Да не се гори никаков отпаден материјал во ложиштата или на отворено.