Новости

Изработен Извештај за квалитет на воздух во Република Македонија за период 2015-2015 година

Во рамките на твининг проектот „Понатамошно зајакнување на капацитетите за ефективна имплементација на acquis во областа на квалитет на воздухот“ изработен е Извештај за квалитет на воздух во Република Македонија за период 2015-2015 година. Извештајот дава детална слика за квалитетот на воздухот за 10 годишен период, преку направена анализа на податоците од извршениот мониторинг, со цел увидување на трендот на концентрациите на загадувачките супстанци и утврдување на состојбата со квалитетот на воздухот во однос на граничните вредности. Дополнително во извештајот е дадена и анализа на количините на емисии по различните сектори на загадување , за период 1990 – 2014 година, како и анализа на клучините извори на емисија по загадувачка супстанца и мерки за намалување на емисиите од овие сектори.

Одржана консултативна средба со граѓанските здруженија и иницијативи за предлог праговите за информирање и алармирање на PM10 честичките

(26.04.2017) Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети одржа работна средба со претставниците на граѓанските здруженија и иницијативи кои доставија забелешки до Министерството во однос на предлог Уредбата за дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели. Од страна на невладиниот сектор присуствуваа претставници на граѓанските иницијативи: О2 коалиција за чист воздух, Воздух сега, Ние сме Карпош 4, Стоп на загадувањето, Скопје смог аларм, Спас за Водно, Куманово бара чист воздух, Скопје бара чист воздух, Охрид СОС, како Здружението прва детска амбасада „МЕЃАШИ“, Еколошкото здружение – Движење ЕКО ГЕРИЛА – Тетово, Здружението за развој и активно делување и потикнување на граѓански сектор ЗА НАС СЕ РАБОТИ – Битола и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.

На средбата, стручните лица на Министерството низ конструктивен разговор го образложија предлогот за праговите за информирање и алармирање на PM10 честичките и ги сослушаа забелешките на јавноста во однос на предлог Уредбата.

Со цел невладините и јавноста да биде целосно консултирана и вклучена при донесување на овој подзаконски акт и со цел да добиеме продуктивен документ со кој ќе допринесеме кон подобро регулирање на квалитетот на воздухот, на граѓанските здруженија им е оставен простор и во наредната недела да достават свои коментари во однос на Уредбата до Министерството за животна средина и просторно планирање, а истите ќе бидат земени предвид.

Тука можете да ја превземете презентацијата за предлог дополнувањата на Уредбата.

Доставен Националниот инвентар за емисии на загадувачки супстанци во воздухот и Информативниот извештај за инвентарот до UNECE/EEA

Министерството за животна средина и просторно планирање согласно член 27-г од Законот за квалитет на амбиентен воздух и барањата на Конвенцијата за прекуграничен пренос на аерозагадувањето (CLRTAP) ги испрати инвентарот за емисии на загадувачките супстанци за 2015 година и рекалкулациите на емисиите за период 1990-2014 година  и Информативниот извештај за инвентарот до Секретаријтот на Обединетите нациии за Европа (UNECE) и Европската агенција за животна средина(EEA). Инвентарот се однесува на вкупните емисии на основните загадувачки супстанци (SOx, NOx, NMVOC, CO, TSP, PM10, PM2.5) , перзистентните органски загадувачки супстаници и тешките метали по сектори, на ниво на Република Македонија.  Инвентарот за емисии на ниво на Република Македонија за 1990-2015 година е достапен на следната веб страната http://cdr.eionet.europa.eu/mk/un/UNECE_CLRTAP_MK/, а Информативниот извештај за инвентарот на следниот линк:
http://cdr.eionet.europa.eu/mk/un/clrtap/iir/envwqngxq/IIR_Macedonia_2017_FINAL.pdf

ТAIEX работилница за квалитетот на воздухот на тема “Подготовка на краткорочни акциони планови за заштита на амбиентниот воздух”

Mинистерството за животна средина и просторно планирање во период од 16-17 декември одржа дводневна ТAIEX (Техничка помош за размена на информации – инструмент на Европската Комисија), работилница за квалитетот на воздухот на тема “Подготовка на краткорочни акциони планови за заштита на амбиентниот воздух”. На работилницата од Европските земји учество зедоа стручни експерти од Италија, Германија, Чешка, Австрија и Холандија. Од домашните институции на работилницата присуствуваа членовите на Интерсекторската група за воздух, претставници од Градот Скопје и Единиците на локална самоуправа.

На работилницата согласно дефинираната агенда се дискутираше за начинот на подготовка на планските документи, со особен осврт на мерките кои се применуваат во Европските земји за намалување на концентрациите за PM10 и NOx, како и начинот на информирање на граѓаните при надминување на праговите на алармирање. Од презентациите и дискусијата можат да се изведат следните заклучоци:

– Краткорочните мерки кои се воведуваат во алармантни состојби со загадувањето од областа на транспортот (како мерката пар-непар) немаат големо влијание врз намалување на среднодневната концентрација на PM10 (Во Италија воведувањето на оваа мерка довела до само 2% намалување на концентрациите на честичките);

– За предвидување на загадувањето на воздухот се користат различни национални модели, но при примена на моделите за предвидување на загадувањето со PM10, несигурноста на моделот е повисока во однос на другите загадувачки супстанци;

– Нема глобални ефективни мерки кои можат да се применат во сите земји и градови;

–  Ефективноста на мерките на локално ниво зависи од уделот на изворите на загадување во градот/општината/областа. Овој удел е различен за различни градови поради што локалните инвентари се особено важни за подготовка на локалните програми и дефинирањето на соодветни мерки.

– Во европските земји најмногу на намалувањето на концентраците на PM10 влијаела промената на структурата на возниот парк и воведувањето на гасификацијата;

– Воведувањето на мерката “Зони со ниска емисија” на локално ниво во Германија била планирана повеќе години и била воведена во моментот кога веќе поголем дел од населението користело возила со повисоки Еуро стандарди.

– Краткорочните мерки само го ублажуваат загадувањето, а најголем ефект врз намалување на загадувањето имаат долгорочните мерки;

– Долгорочните ефективни мерки имаат високи фискални импликации.

На следниот линк можете да ги превземете презентациите од работилницата.