Суспендирани честички PM10

Суспендирани честички со големина помала од 10 микрометри (PM10)

Малите вдишливи честички може да бидат едни од најштетните загадувачки супстанции во воздухот. Суспендираните честички со дијаметар помал од 10 микрометри (PM10) може да продрат длабоко во респираторниот систем на луѓето. Штетните честички се емитуваат во атмосферата од голем број на извори, како на пример издувниот систем на возилата, греењето во домаќинствата, индустриските процеси, електраните, согорувањето на земјоделскиот отпад, согорувањето на отпад од дивите депонии и дворовите и шумските пожари. Емитираните честички, исто така, со помош на хоризонталните воздушни струења може да се пренесат стотици километри од изворите на емисија.

Концентрациите на PM10 во урбаните средини во целата држава, особено во зимскиот период, ги надминуваат граничните вредности за заштита на човековото здравје. Ова зголемување на концентрациите на честичките очигледно е предизвикано од различни типови на извори на емисија заедно со непогодните меторолошки услови. Сепак, се чини веројатно дека издувните гасови од согорувањата од домаќинствата и од сообраќајот се меѓу најважните придонесувачи, меѓудругото и заради тоа што висината на која се испуштаат е ниска, речиси во зоната на дишење на човекот.