Јаглерод моноксид (CO)
CO е безбоен, отровен гас без мирис и вкус. На глобално ниво е проценето дека 80% од јаглерод моноксидот присутен во атмосферата потекнува од природни извори. Природата е способна да го спречи зголемувањето на концентрацијата на CO во атмосферата, бидејќи бактериите во почвата го претвораат во CO2.
Останатите 20% произлегуваат од човековите активности како што се нецелосно согорување на горивата базирани на јаглерод и тоа нафтата, дизелот и дрвото. Примарните извори на емисија на CO се издувните гасови од автомобилите и согорувањето на цврсти и течни горива во домаќинствата, како и индустриските процеси (како обработката на метали и хемиското производство), непотполното согорување на цврст отпад и природните извори како што се шумските пожари. Извори на внатрешно изложување се домашните ложишта и димот од цигари.
CO ја менува и атмосферската фотохемија која има удел во формирање на смогот (приземен озон О3).
Имено, јаглерод моноксидот е проблем за локалното загадување и претставува најголема закана за урбаните области со густ проток на сообраќај. Милиони тони од овој невидлив, но смртоносен гас, се испуштаат во атмосферата секоја година, пришто околу 75% потекнуваат од издувните гасови на автомобилите. На улиците и во гаражите за паркирање, нивоата на опасност се надминати во поголем дел од времето.