ПРИЛЕП
Градот Прилеп се наоѓа во централниот дел од јужното подрачје на Република Македонија, поставен во североисточниот дел на најголемата македонска котлина, Пелагонија, односно во Прилепското Поле.
Градот Прилеп и околината се наоѓаат на надморска висина од 550 до 700 метри, а додека Пелагонискиот регион е ограничен со планината Баба со врвот Пелистер (2.601 м), Илинска и Бушава Планина на запад, Мокра Планина со врвот Солунска глава (2.540 м) на север, Бабуна, Селечка и Дрен Планина на исток и Ниџе со Кајмакчалан (2.520 м), и државната граница со Грција во Пелагониската рамница на југ. Ваквата поставеност условува умерено – континентална клима.
Во текот на месец декември 2021 година во општина Прилеп се постави Автоматска мониторинг станица за квалитет на амбиентен воздух.
АМС Прилеп е поставена на одредена микролокација лоцирана на КП 15627/1, КО Прилеп, во општина Прилеп, во дворот на Општата болница Борка Талески (во близина на модуларната Ковид болница), на ул. Трајко Бошкоски Тарцан б.б.
Југоисточно од микролокацијата на станицата, на растојание од околу 25 метри се наоѓа најблискиот објект од болницата кој е со поголема висина од станицата, а кон истата страна, на растојание од околу 5 метри се наоѓа најблискиот пристапен пат кон влезот на болницата. Северозападно од микролокацијата на станицата, на растојание од околу 30 метри, се наоѓа Градскиот стадион кој е поставен пониско од самата станица. На растојание од околу 120 метри југозападно и југоисточно од станицата се наоѓаат првите приватни живеалишта (станбени згради и куќи).
Поставеноста на станицата е таква што се очекува да се регистрира уделот на загадувањето кое доаѓа претежно од согорувањето на горива за затоплување на административните згради и приватни живеалишта во зимскиот период од годината како и помал удел кое доаѓа од загадувањето од сообраќајот. Доминантен правец на ветер е од север кон југ.
Се мерат загадувачките супстанции: O3, NO2, SO2, CO, PM10 и PM2.5. |