Емисијата на отпадни гасови од стационарни извори претставува една од компонентите која има значајно влијание врз квалитетот на амбиентниот воздух. Со цел истата да се опфати, квалитативно и квантитативно, донесени се и се на сила неколку Правилници кои се однесуваат на регулирање на испуштањето на емисии на загадувачките супстанци во воздухот.
Правилник за методологијата, начините, постапките, методите и средствата за мерење на емисиите од стационарни извори (Сл. Весник на РМ бр. 11/2012) и Измени кон Правилникот, во кој се опишани стандардите за мерење на емисии во воздухот. За овој правилник подготвено е упатство во кое во рамки на 10 поглавја се опишани општите аспекти на мерењата на емисиите во воздухот од стационарни извори со тоа што прецизирањето се врши со користење на дадените МКС EN и ISO стандарди наведени во него.
Правилник за формата и содржината на обрасците на доставување на податоците од емисиите во амбиентниот воздух од стационарните извори, начинот и временскиот период на доставување на податоци согласно со капацитетот на инсталацијата како и содржината и начинот на водење на дневникот на емисии во амбиентниот воздух (Сл. Весник на РМ бр. 79/2011). Во овој правилник се дефинирани формулари преку кои операторите на инсталациите ги доставуваат резултатите од мерењата на емисии во воздухот до МЖСПП. Со испраќање на овие податоци, операторите ја регулираат и обврската за испраќање на податоци согласно Правилник за формата, методологијата и начинот на водење и одржување катастар на загадувачи и загадувачки супстанци во воздухот (Службен весник на РМ бр. 92/10)
Правилник за граничните вредности за дозволените нивоа на емисии и видови на загадувачки супстанции во отпадните гасови и Измени кон Правилникот. Гранични вредности на емисија пропишани со овој правилник се применуваат за сите инсталации, освен ако со ДУОП или ИЕД, издадени согласно Законот за животна средина, за поединечен стационарен извор, односно за поединечна загадувачка супстанца не е утврдена поинаква гранична вредност за емисија. За правилникот подготвено е Упатство кое претставува практичен водич или прирачник за корисниците.
Правилник за методологијата за инвентаризација и утврдување на нивото на емисии на загадувачките супстанции во атмосферата во тони годишно за сите видови дејности, како и за други податоци потребни за доставување на програмата за мониторинг на воздухот на Европа (ЕМЕП) (Сл. Весник на РМ бр. 142/2007). Врз основа на методологијата, наведена во овој Правилник, се изготвува национален инвентар за нивото на емисии на загадувачките супстанции во атмосферата во тони годишно за сите видови дејности во Република Македонија, кој се испраќа до Обединетите нации согласно Конвенцијата за прекуграничен пренос на аерзагадување и Европската агенција за животна средина.
Правилник за количините на горните граници-плафоните на емисиите на загадувачките супстанции со цел утврдување на проекции за одреден временски период кои се однесуваат на намалувањето на количините на емисиите на загадувачките супстанции на годишно ниво („Службен весник на РМ“ бр. 2/10 од 08.01.2010 год.). Во овој правилник се внесени горните граници – плафони за NOx, NH3, SO2 и NMVOC. Вкупните количини на емисии на овие загадувачки супстанци пресметани согласно методологијата наведена во претходниот правилник не треба да ги надминуваат горните граници – плафони.